Header Ads

(Интервју) Елена Јовческа: „Во Новата година ви подготвувам многу изненадувања“

Интервју со Елена Јовческа


Таа е позната македонска попфолк пејачка, позната како амбасадор на нашата култура и традиција која со помош на музиката и со свирењето на нашите изворни музички инструменти како гајдата и зурлата, стана ценета и барана кај нашинците во странство.
Елена Јовческа и покрај тоа што имаше многу предновогодишни обврски, снимања, гостувања и настапи, сепак таа не би била таа ако не е вистински професионалец и не одговори на нашата покана да учествува и биде дел од новогодишното интервју на Estrada World. Што таа открива за себе, начинот на кој ја дочекува и прославува Новата година и празниците, штo посакува, подарува и кои се нејзините желби и планови за 2020-та… прочитајте во продолжение.

Estrada World: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, каде ќе ги прославиш оваа година?

Елена: Оваа 2020 година ќе ја дочекам во мојата Македонија после седум години во ресторан „EQUILIBRIUM“ во Скопје и сум среќна што сум во Македонија после долго време.

Estrada World: Како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата оваа предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови посветени на малку одмор за себе?

Елена: Па, не се исти денови затоа што сепак се празници, за кои треба да бидеш со своите најблиски, фамилијата и се разбира со оние кои ги сакаш и се чувствувам среќно поради тоа и исполнето.
Елена Јовческа

Estrada World: Каде ќе имаме можност да те видиме да настапуваш за празниците?

Елена: За празниците ќе настапувам насекаде во Македонија, а на 25 -ти јануари за прв пат ќе имам концерт во Копенхаген, Данска.

Estrada World: Како сакаш да го поминуваш слободното време кога немаш работа?

Елена: Слободното време сакам да го поминувам со тие што ги сакам и што ми шират позитина енергија. Да уживаме, се смееме, со еден збор опуштена атмосфера каде не се зборува за музика (се смее).
Елена Јовческа

Estrada World: Имаш ли некое животно мото по кое се раководиш или се оставаш на судбината?

Елена: Па, имам повеќе (се смее). Што е мое ќе си дојди, се во животот се случува со причина. Сакај за да бидеш сакан, љубовта е љубов.

Estrada World: Што според тебе ја обележи оваа година што изминува?

Елена: Оваа 2019-та година ја обележаа многу настапи, многу пријатели, многу дружења и нови песни...

Estrada World: Веќе сме на прагот на една нова година и да се надеваме на  поуспешна и поубава година за сите нас. Дали ќе ни откриеш кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година?

Елена: За 2020-та година веќе сум во преговори за турнеја, новиот албум кој беше планиран за 2019 година, ќе излези во 2020 дефинитивно. Нова фотосесија за која се спремам, а друго ќе видиме, имаме нови 365 дена за нови предизвици.
Елена Јовческа

Estrada World: Да очекуваме ли нов музички албум од тебе наскоро? Имаш ли идеја колку песни ќе вклучиш во него?

Елена: Да веќе кажав нов албум, а не знам колку песни ќе содржи, затоа што имам и преработки на македонски песни, така што се уште не знам колку песни ќе бидат вклучени.

Estrada World: Песната „Не ме допирај“ си го пронајде  својот пат кон публиката и доби доста позитивни оценки. Ќе ни раскажеш ли од каде ја црпиш инспирацијата за твоите песни, со кои како оваа знаат да го освојат срцето на луѓето.

Елена: „Не ме допирај“ ... па, секогаш како што се чувствувам, така и пишувам. Инспирација ми е секојдневниот живот. Така е најлесно за себе да направам песна. Додека пак ако имаш некоја тема или сака некој на друга тема песна, тоа е веќе друго. Знаеш во кој правец да се водиш.
Елена Јовческа

Estrada World: Миксот кој го направи со твојата колешка Стојне Николова се прифати одлично од страна на македонската публика, затоа што можеби е нешто ново за нашиот простор и предизвика голем интерес. Дали би запишала таков микс само со бугарски или пак српски песни?

Елена: Да и драго ми е што го прифати публиката. Тоа беше добра идеја. Ќе има уште еден и работам на тоа. А,  бугарски и српски  да би снимила, но во истиот тој микс да има и македонска музика.

Estrada World: Имаш изнесено концерти и низ многу градови во Европа, Австралија, Америка и Канада. Која е разликата да се настапува на домашен терен, а која надвор од Македонија?

Елена: Разлика нормално дека има. Во Канада е ладно и Америка исто. Австралија е топло се шалам ( се смее). Македонците се насекаде исто и без разлика каде пејам, јас сум среќна што сум меѓу мојот народ .
Елена Јовческа

Estrada World: Имаш ли покана за гостување повторно  во странство за идната година?

Елена: Да, како што ви кажав на 25-ти јануари за прв пат ќе настапам во Данска, градот Копенхаген.

Estrada World: Тешко ли е да се опстане на македонската музичка сцена, каде што немаме толку многу развиена музичка продукција,  како што имаат нашите соседни држави?

Елена: Секако дека не е лесно, но ако го сакаш тоа што го работиш ќе бидеш успешен и среќен.

Estrada World: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Estrada World?

Елена: Најпрвин да се заблагодарам за прекрасното интервју, бидете најдобри како и што сте. До моите обожователи да им кажам дека ги сакам од срце и да им посакам да шират љубов повеќе иод 2020 година, да се среќни, весели и до нив една порака - бидете упорни во тоа што го сакате за да успеете. Ве сака Елена Јовческа.
Интервју: Наташа Секуловска
Фото - Планета ТВ
Дизајн:  Дејан Величковиќ www.dvisualart.mk

No comments

Theme images by rajareddychadive. Powered by Blogger.