Header Ads

Интервју: Јаница: „Тоше Проески ми остана омилен македонски пејач“




Јаница е едно од водечките имиња во музичката индустрија во соседна Бугарија. Нејзиното име веќе петнаесет години е синоним за успешност и талентираност, редејќи хитови песни кои оставија своја трага низ времето. Ексклузивно, за нас како македонски медиум, открива детали сврзани околу нејзините два најнови музички албуми – „Мома Яница“ и „Изкушение“  кои пред неколку дена беа пуштени во продажба на бугарскиот музички пазар. 

Здраво Јаница. Твоето име веќе 15 години е едно од водечките имиња не само во попфолкот, но и во народната музика. За македонската публика подобро да те запознае ќе ни раскажеш ли нешто повеќе за почетокот на твојата музичка кариера во 2003 година?

Да, јас учествував на фестивалот Тракија Фолк во 2003 година и од таму започна мојата кариера и тоа уште пред да потпишам договор со фирма Пајнер. Имено, таму всушност и ме забележаа сега оние кои се мои продуценти (се смее). Тие видоа едно девојче кое пее и има желба за голема сцена. Песната со која учествував на фестивалот доби награда за музика и беше на композиторот Пламен Димитров. Можеби едноставно од таму ми тргнаа нагоре работите. За мене тој концерт беше една голема емоција и се одржуваше во Пловдив, затоа што тогаш за прв пат бев на голема сцена, заедно со познати изведувачи и беше многу познат фестивал во тоа време. Потоа, потпишав со фирма Пајнер и започнав да правам по една песна на година, бидејќи се уште не знаев како стојат работите во тој бизнис, не бев сигурна прво во себе си, не знаев што точно да направам, но со годините веќе си станав самоуверена и стекнав професионално искуство за да знам каква песна сакам и каков спот да направам кон неа.

Освен со попфолк, ти си позната изведувачка и на народни песни. Според тебе има ли враќање на интересот на луѓето кон народниот фолкор, имено се слуша ли тој повеќе од младите луѓе сега за разлика од порано?

Да, има навистина интерес и тоа ме радува. Јас не очекував да има и таков интерес кога ја пуштив песната „„Мома Яница““. Едноставно кога излезе постепено почна  да се слуша кај луѓето и гледав како тие се повеќе и повеќе ја знаат, нели и мои колеги ја изведуваат по ресторани, па се пее на свадби  и ја викаат втората „Бяла Роза“, нешто што мене  ме прави среќна и ме радува и гледам како младите се почесто слушаат народни песни и можеби да не кажувам на секој настап, но кога ќе ги прашам која песна ја сакате сега, тие едноставно извикуваат „Мома Яница“, нели тоа се настапи по дискотеки и тоа ми прави впечаток дека се почесто народни песни се слушаат и таму. Затоа има враќање во последните години и кон  играорните групи. Имам и јас доста такви пријатели, не само во поодминати години, но и млади кои одат и слушат народни песни и играат народни ора.
Ти едноставно стана популарна кај таквиот тип на публика, со авторска песна. Не стана позната со тоа што препеа веќе позната народна песна.

Да, така е. Нели најлесната варијанта е да испееш популарна народна песна, која луѓето ја знаат и низ годините има најразлични нејзини изведувања, но најтешко е да успееш со авторски народни песни, како што е случајот со песната „Мома Яница“ и направив уште неколку народни песни покрај неа, се надевам и нив луѓето добро ќе ги примат  и ќе им се допаднат.

Дали песните “Бяла Яна”, “Мъри моме, хубава” и  “Проклет да биде“ ќе добијат свои телевизиски верзии? 

Да, “Бяла Яна”, “Мъри моме, хубава” се во китка и веќе ги имам снимено и   секој момент очекувам да излези, а песната „Проклет да биде“ си има исто така своја телевзиска верзија, имено неа и ја претставив пред многу години на фестивалот Пирин Фолк. Песната „Димитар Мария думаше“ има исто така готова верзија и ќе ја пуштам наскоро по Планета Фолк Тв. Така да, сите песни од албумот имаат свои тв-верзии и ќе се вртат по телевизија Планета и Планета Фолк Тв.


„Мома Яница” е песната која во рамките на три години има повеќе од 4 милиони прегледи во официјалниот канал на телевизија Планета-PlanetaOfficial во YouTube, што е вистинска реткост кога е во прашање народна песна. Како се случи да ја запишеш таа песна?

Многу интересна приказна е таа песна. Имав демо на песната од Димитар Милев нејзиниот композитор  и требаше да се даде за текст. Кога го добив текстот,  ми беше малку чудно дали да го испеаам со тој текст, нели за мома Јаница, како да пеам за себе си и всушност си мислев дали да е тој текстот или да направам друга варијанта. И тогаш баш заминав на турнеја во САД и немаше како, освен да ја оставам песната на втор план и да ја запишам идната година. Но, кога нешто е пишано да стани дали порано или покасно тоа ќе се случи. И идната година, кога Хари Јанакиев како менаџер на Планета Тв постојано ме прашуваше дали ќе пуштам народна песна и јас реков имам песна која не знам дали да ја испеам, се чудам за текстот, во неа се пее за мома Јаница и тој ми рече многу е убаво името, треба да ја запишеш песната, таман е за тебе и така можеби тој допринесе за таа песна да стани она што е денес. Ја запишав, ја снимив во празничната програма за телевизија Планета и на луѓето веднаш им се допадна. Уште кога ја снимавме тв –верзијата самите колеги ми велеа многу убава песна и тогаш веќе го привлеков на некој начин вниманието на публиката. Едноставно јас не очекував толку да има голем интерес кон неа, можеби затоа што самата јас не ја почувствував  од самиот почеток оти се мислев за текстот, а како мелодија многу ми се допаѓаше. На крај се покажа дека името ми носи среќа ( се смее). Кога луѓето јнешто го оценуваат како добро тогаш ја ценат мојата работа и мојот труд, а тоа е најважно.
Една песна кога им се допаѓа на луѓето, таа и видео да нема нели, ќе се слуша.

Да, така е. Секогаш тоа што е убаво, публиката знае да го препознае.

Имаш ли размислувано за народен дует со некој македонски изведувач?

Не сум размилсувала, но убава е идејата да го направам во иднина. Има добри народни македонски изведувачи и со драго срце би прифатила, затоа што сметам дека ќе стани интересен проект.

Има исклучоци. Пример, Преслава со група Академци направи песна која се слуша веќе 15 години. И Милко има песни направено со таа група.

На Академци им се многу убави песните, за мене имаат одличен состав како група. 
Во твојот богат репертоар изведуваш песни од различни народни области на Бугарија, авторски народни песни, популарни песни од бугарската естрада, балкански фолк, грчки песни, српски, но имаш ли омилена македонска песна?

Кога станува збор за омилена македонска песна, во моментов веднаш се сеќавам за еден одличен пејач кој за жал не е повеќе помеѓу живите, а тоа е Тоше Проески и имам многу омилени негови песни. Неговите песни  останаа во времето и ми се во срцето.

Пред неколку дена во продажба го пушти твојот трет музички албум „Изкушение“. Што беше одлучувачко за албумот да го добие тој наслов?

Мислам дека покрај песната „Изкушение“ која ми е една од најомилените песни, сметав дека е најдобро најновиот албум да сe вика така, да биди едно музичко искушение на пазарот за сите мои слушатели.
Планираш ли можеби да ги претставиш двата албума со една мала промоција?

Не (се смее), досега воопшто не сум размислила за нивна промоција, бидејќи едноставно само сакав да си ги соберам сите убави песни во два албуми, нели попфолк и народни и да им ги претставам на моите обожователи како подарок, затоа што низ годините направив убави песни, кои станаа хитови. Сметам дека помина класичното време на промоциите. Тие се правеа кога немаше можност да се снимаат сите песни од албумите со видеоспотови, да се претстават на публиката, а сега сите песни во албумот имаат спотови, убави и модерни и сметам дека промоција не им е потребна, со оглед на фактот што тие веќе се претставени и се вртат во пространството.

Како се чувствуваш после сите убави песни кои ги направи низ изминатите години?

На прво место се чувствувам многу среќна, нели тоа е факт што ме радува. Веќе сум посигурна во себе си и поздраво газам на земјата и сум професионално зрела, знам дека уште можам да постигнам. Низ годините ми беше тешко да стигнам до тука и можам слободно да кажам дека поминав долг и тежок пат и знам дека не ми беше лесно, но кога човек е амбициозен, ова е доказ дека порано или подоцна ќе успее. Јас успеав и резултатите се повеќе од задоволителни.
Песента “Въртележката” излезе точно на твојот роденден на 22 септември. Задоволна ли си од нејзиниот успех?

Многу сум задоволна од нејзиниот успех. Таа е една од најслушаните песни по клубовите во моментов, едноставно им се допадна на луѓето и ја порачуваат и на моите настапи.

Твојата музичка кариера ја одбележаа и неколку балади кои направија силен впечаток кај публиката. Да очекувaме ли оваа есен една таква песна од тебе?

За балада не сум размислувала, но имам  убави балади и не знам дали сега е точниот момент за една таква песна, но понатаму во времето ќе направам една  балада, но оваа есен не. 

Во странство си една од најсаканите пејачки. Кои песни освен твоите, се најбарани помеѓу бугарите таму?

Се разбира моите попфолк песни, како и народните, но се зависи од публиката. Многу ме радува фактот што ги знаат сите мои нови песни. Пример кога бев во САД на турнеја, едноставно луѓето влегуваат во клубот и ги пеаат моите песни. На различни места,  нормално се пеат различни песни. Некаде повеќе сакаат народни, на друго место попфолк, секаде е различно, се зависи во која држава пееш.

Дали во блиско време да те очекуваме да ни гостуваш во Македонија?

Очекувајте ме, очекувам покана (се смее).
Каков совет би им дала на сите оние кои сакаат да се занимаваат со работата која ти ја работиш?

Да се занимаваат ако навистина ја сакаат музиката од срце, убава е оваа работа и да не се откажуваат, напротив да вложуваат труд. И ако се амбицозни, ќе успеаат. За сите нас почетокот беше тежок, за некој потежок за некој полесен, но ако сакаш нешто ќе успееш.

Каква личност е всушност Јаница, кога не си под светлината на рефлекторите?

(Се смее) многу нормална и прибрана личност. Луѓето кои ме познаваат го знаат многу добро тоа.

Која е твојата порака кон читателите на Estrada World?

Би им посакала да се многу здрави и среќни, само убави работи да им се случуваат во животот и да се попозитивни сите, бидејќи сега се тешки времиња и треба да сме подобри едни кон други.



Интервју: Наташа Секуловска
Фото: Планета ТВ

No comments

Theme images by rajareddychadive. Powered by Blogger.