Header Ads

(Интервју) Тања Маринова: „Кога човек најмалку очекува, тогаш излегуваат најдобрите работи“



Интервју со Тања Маринова


По повод петтиот роденден на вашиот омилен музички сајт, ви подготвивме многу изненадувања, од кои првото е  интервју со новата ѕвезда на Планета Тв – Тања Маринова. Имено,  тоа е името за кое ќе се зборува многу почесто кога станува збор за попфолкот во соседна Бугарија, но и за народната музика, затоа што  младата пејачка е талентирана, музички образована и одличен вокал. Во ексклузивното интервју за нас, ќе дознаете многу интересни детали сврзани околу нејзината кариера, како и што се и има подготвено на публиката до крајот на оваа година.

Estrada World: Здраво Тања.  За мене е големо задоволство што ја имам прва честа да направам интервју со тебе од Македонија. За сите кои не се запознаени со твојата кариера, дали ќе ни раскажеш накратко како се одлучи да станеш пејачка.

Тања Маринова: Здраво, многу ми е пријатно и на мене. Како што имам спомнувано во доста мои интервјуа досега, јас пеам од рана детска возраст, односно уште од мали нозе. Мојот талент е наследен, затоа што пораснав во семејство на музичари и затоа гордо можам да кажам дека уште од рана возраст музиката е неизбежен дел од мојот живот.
Тања Маринова

Estrada World: Сметаш ли дека музичкото образование е одлучувачко, за еден човек да постигне завидна кариера во музиката?

Тања Маринова: За мене образованието е навистина многу важно, но на прво место пред сѐ треба човек да има талент и тој да е присутен во него, затоа што нема начин како да стани пејач,  тоа не се учи. Но, кога го имаш талентот  во себе, треба да го усовршуваш. Лично јас завршив народно пеење, потоа и дипломирав на Универзитет на отсек Музичка педагодија и искуство. Образованието категорично можам да кажам дека доста придонесува кон моето професионално развивање.

Estrada World: Си ја наследила љубовта кон музиката и талентот по семејна линија, раскажи ни од кого.

Тања Маринова: Точно така. По страната на мајка  ми сите се музичари кои ја ценат убавата бугарска музика. Мајка ми е пејачка, дедо ми исто така е пејач, но тој и свири на кларинет.
Тања Маринова

Estrada World: Пред да склучиш договор со компанијата „Пајнер“ дали си пробала на друго место да се претставиш како пејачка?

Тања Маринова: Да, јас се занимавам посериозно со музиката уште откако бев ученичка  на 14 или 15 години во музичкото училиште во град Котел. Ја имав таа среќа на тие години да се качам на една сцена со големи бугарски имиња во музиката како што се оркестар „Тракија“.

Estrada World: Ти се појави на сцената со песната „Ще ме помниш“, која ти го отвори патотот кон успехот пред неколку месеци. Зошто се одлучи за балада, а не за брза песна?

Тања Маринова: Всушност песната како целина не е толку во баладичен стил, но текстот е полиричен. Ја пуштив затоа што многу ми се допадна како мелодија и композиторот Драганински се справил одлично со неа, но морам да признаам дека и текстот е одличен, а е напишан од страна на Петја Радева. Сметам дека излезе еден добар проект.
Тања Маринова

Estrada World: „Спомените те убиват“ е една од оние песни кои секогаш успеваат да го најдат својот пат до публиката, а во неа со вокали се вклучува и твојот колега Џордан. Задоволна ли си од нејзиниот успех?

Тања Маринова: Навистина сум презадоволна, затоа што се направи една добра песна и големи благодарности кон Џордан, кој за мене е одличен пејач и е многу талентиран, но и како човек е супер. Мислам дека песната добро ја прими публиката, пред се помладата затоа што е подинамично парче и е наменето за во клубовите.

Estrada World: Во текот на месец јули, излезе твојот дует со Кирил Атанасов кон песната „С теб, любов “, за кој категорично можам да кажам дека е повеќе од одличен. На кој беше идејата за него – твоја или на Кирил?

Тања Маринова: Благодарам. Идејата произлезе всушност од Кирил. Со него се запознав на аудиција во фирма „Пајнер“ за млади изведувачи во Комплекс Приказките и најитересно ми беше што веднаш само што се запознавме ми предложи да направиме дует. Јас бев така малку изненадена (се смее). Тој е многу импулсивен и после тоа се видовме, зборнавме и повторно ми спомна дека има песна која сака да ја направиме во дует заедно. Кога ја слушнав песната многу ми се допадна и текстот е повеќе од супер и сметам дека се направи еден одличен проект, затоа што кога имам настапи сите ја сакаат неа и пеат во еден глас со мене. Навистина не очекував таков резултат. Кога човек најмалку очекува, тогаш излегуваат најдобрите работи.
Тања Маринова и Кирил Атанасов

Estrada World: Имаш ли планови со кои автори ќе работиш и какви музички проекти ќе ни претставиш до крајот на оваа година?

Тања Маринова: Како што спомнав во едно друго мое интервју, за жал нема голем избор на автори, а истата состојба е и кај композиторите со кои работиме, но затоа би работела со секој, само да ми се допадне тоа што ќе ми го предложат како проект. До крајот на годината сметам да реализирам уште две песни, една по динамична и една балада, затоа што доста  луѓе ме прашуваат за балада, а јас сакам да исполнувам такви песни.

Estrada World: Што е одлучувачко за една песна да најди место во твојот репертоар?

Тања Маринова: За една песна да најди место во мојот репертоар треба да ја осетам, да ја почувствувам, да ме допре до душата. Едноставно да ме освои.

Estrada World: Имаш ли музички идол  кој те инспирира?

Тања Маринова: Јас сакам и слушам различни типови на музика и од секој тип на жанр си имам свои омилени изведувачи.

Estrada World: А, имаш ли омилена македонска песна?

Тања Маринова: Македонските песни ми се омилени и имам многу, но најмногу ја сакам „Парходот ми пристигна“. Неа и сега брзо ја претставив, поточно во интервју во емисијата „Автограф“  по Планета Тв.
Тања Маринова

Estrada World: Освен попфолк, ти одлично исполнуваш и народни песни и дали ќе продолжиш да запишуваш такви?

Тања Маринова: Се разбира дека да. Во моментов работам на неколку народни проекти и наскоро можам да ги изненадам слушателите на бугарската народна музика со неколку народни песни од мене.

Estrada World: Како што се знае летото е сезона за одмори, но успеа ли ти да се одмориш и каде беше на одмор?

Тања Маринова: Да, со пријателки бев на морето и таму одиме секогаш повеќе за забава, а многу малку за одмор (се смее). Беше многу забавно, весело и поминавме одлично.
Тања Маринова

Estrada World: Што би им порачала на оние кои сакаат да се занимаваат со музика?

Тања Маринова: На сите оние кои сакаат да се занимаваат со музика и кои имаат талент, бидејќи во денешно време многу луѓе сакаат, а немаат за жал што да предложат на публиката,  јас ги подржувам да продолжат да се трудат и да даваат се од себе си и сите да си ги следат своите желби.  И најважното, да веруваат во себе.

Estrada World: За крај ти благодарам за оделеното време со желби за се најубаво и уште поголеми успеси. Што ќе им посакаш на читателите на Estrada World?

Тања Маринова: На сите читатели на Estrada World  им посакувам да бидат живи и здрави и само да слушаат убава, квалитетна музика. Имајте здравје и многу насмевки.




Интервју: Наташа Секуловска за EstradaWorld 
Фото: Планета Тв
Дизајн: Дејан Величковиќ

No comments

Theme images by rajareddychadive. Powered by Blogger.